Премиерот Мицкоски најави до 300 нови работни места во проширеното производство во Прилеп

Глобалниот лидер во автомобилската индустрија Гентерм ја проширува својата инвестиција во Македонија со нов проект вреден над 30 милиони евра, со што се предвидуваат до 300 нови вработувања. Ова го најави премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција во Владата, посочувајќи дека се работи за ново поглавје во современата економска приказна на државата.

„Гентерм го проширува производството – Македонија е сигурна технолошка дестинација“

• „Денеска испишуваме уште една важна страница во современата економска приказна на државата. Ја објавувам новата инвестиција на Гентерм – глобален лидер во автомобилската индустрија кој покрај веќе постоечката инвестиција во Прилеп, почнува со план за процес на проширување на производството токму овде. Со овој нов инвестициски циклус се потврдува она што сите го чувствуваме – дека Македонија станува сигурна дестинација за долгорочно стратешки технолошки напредни инвестиции“, изјави премиерот Мицкоски.

Според него, новата инвестиција претставува чекор кон иднината – со високоинтегрирани системи, автоматизирани линии и нова технолошка опрема, што го позиционира нашето стопанство како конкурентно на европскиот пазар.

„Ова не е само инвестиција – ова е двигател на економијата“

• „Ова не е само уште една инвестиција – ова е двигател на нашата економија. Со вакви проекти расте индустриското производство, се отвараат нови работни места, се зголемува извозот, а со тоа расте и довербата во нашата економија, расте вредноста на македонското знаење, умеење и труд. Резултатите се забележителни и се гледаат“, нагласи Мицкоски.

Тој потсети дека минатата година Македонија ја заврши со рекордно највисоко ниво на странски директни инвестиции – 1 милијарда и 255 милиони евра, што претставува најголем прилив на капитал во историјата на земјата. Дополнително, во првите месеци од 2025 година, се бележи значителен раст на индустриското производство, достигнувајќи 9,4% во мај, што е највисоко ниво во последните десет години.