50.000 граѓани излегоа на протестот на српската опозиција во Белград, тврдат неговите организатори, додека масовност имаше и на протеститните маршеви и во другите градови. Протестите се одржаа во тишина, без говори и изјави, а единствено во Белград пред Народното собрание беа прочитани барањата на опозицијата, која и даде рок на владата да ги исполни до 12 мај, пренесува Телма.
Барањата се-смена на Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми, затворање на печатените медиуми и таблоиди кои објавуваат лажни вести, невистини и континуирано го кршат новинарскиот код, одземање на националните фреквенции од телевизиите кои ги залужуваат граѓаните, трујат и промовираат насилство, како што се Пинк и ТВ Хепи, оставка на министерот на полицијата Братислав Гашиќ и итно укинување на програмите кои промовираат насилство, неморал и агресија на телевизиите со национална фреквенција, како што се бројните реални шоуа.
Според организаторите протестот го организираат за да не се повторат трагичните настани кои го завиткаа во црно општеството во Србија, а на почетокот од колоната на протестната прошетка се носеше црн транспарент – Србија против насилство.
Поради двете масовни убиства во училиштето Владислав Рибникар во Белград и двете села во близина на Младеновац во кои животот го изгубија 17 лица, од денеска стапија во сила поригорозни мерки за зголемување на безбедноста во училиштата и јавните површини, како и контрола на сопствениците на огнено оружје во Србија.