Средбата на покана од албанскиот премиер Еди Рама започна пред неколку минути во Тирана. На средбата присуствуваат Али Ахмети од ДУИ, Арбен Таравари од Алијанса на Албанците, Африм Гаши од Алијанса и Мендух Тачи од ДПА, додека, како што е познато , на средбата не учествува Билал Касами од движењето Беса.
Средбата се одржува како неформална вечера, а темата на разговорот официјално не е позната. Не се знае ни колку ќе трае оваа средба и дали на крајот ќе има некаква изјава.
Пред почетокот на средбата во Тирана за „Клан Македонија“, Али Ахмети ја коментираше одлуката на Беса да не доаѓа на оваа средба.
„Би било убаво да беа тука, но, секој има своја автономија при одлучувањето. Времето ќе докаже колку е продуктивно тоа размислување“, изјави кусо Ахмети.
Претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, денеска попатно застана и во Приштина на средба со премиерот на Косово, Курти и претседателката Османи, разговарале за кризата на северот на Косово, борбата со криминалот и корупцијата и заедничките заложби за интеграција во Европската унија.
Инаку вчера, портпаролот на ДУИ и министер во Владата на Ковачевски, Бујар Османи, веќе испрати апел да не се прави никаква политичка конспирација од средбата, истата ја именува како новогодишна, а на неа ќе се разменат и мислења за состојбите во регионот и напредокот во евроинтеграциите. Ова не е првпат да се состанат лидерите на политичките партии на албанците во Македонија со премиерот на Албанија, Еди Рама. Првпат тоа се случи пред точно шест години, а од таа средба произлезе таканаречената „Тиранска платформа“ – декларацијата од 7 точки за заедничка агенда во секој нареден владин мандат.