Илјадници активисти за заштита на животната средина вчера се собраа на протест против проширувањето на рудник за јаглен во западна Германија, а во насилството што следеше, повредени се околу 70 полицајци, соопшти денеска германската полиција, пренесува Слободен печат.
Според властите, на собирот имало околу 15.000 демонстранти, додека според активистите, тие биле најмалку 35.000. На демонстрантите вчера им се придружила и познатата шведска еколошка активистка Грета Тунберг. Тие се противат на одлуката да се проширува постоечкиот рудник за јаглен, поради што властите одобрија да се урне селото Лицерат во Рајнскиот басен меѓу Дизелдорф и Келн, а жителите да се преселат.
Полицијата уште од средата се обидуваше да ги отстрани активистите од неколку фарми и други објекти во Лицерат, каде спречуваа да се изврши уривањето. Во петокот се случија првите инциденти, по што активистите повикаа на масовен протест. Следниот ден, во селото дојдоа илјадници левичарски активисти против климатските промени, по што се случија насилните демонстрации.
По вчерашните крвави нереди, уапсени се преку 150 луѓе, а ситуацијата денеска е мирна, информира германската полиција.
Операцијата за отстранување на активистите од Лицерат има големо политичко значење за владејачката коалиција на социјалдемократскиот премиер Олаф Шолц, кој владее заедно со „зелените“ партии. Активистите ги обвинуваат политичарите кои се залагаа за еколошки решенија дека ги прекршиле предизборните ветувања.
Владата смета дека е неопходно да се прошири рудникот поради енергетската безбедност на Германија. Земјата, која пред децении почна да ги затвора рудниците за јаглен и термоцентралите, сега мора да го надоместо прекинот на испораката на гас од Русија, а тоа ги стави властите во конфликт со моќните организации за заштита на животната средина.