Видео од Албанија предизвика шок во јавноста, откако на него е забележан момент кога лав-миленик напаѓа човек, а сопственикот го смирува со шлаканица. Сцената, која брзо се прошири на интернет, ја отвори дебатата за нелегалното и опасно чување на предатори во домашни услови.

На снимката се гледа соседот на сопственикот како седнува пред лавот и го повикува да се галат. Во следниот миг животното го зграпчува за вратот и го држи, додека присутните во паника набљудуваат.

Ситуацијата добива неверојатен пресврт кога сопственикот на ѕверот приоѓа и му удира силна шлаканица по главата. По ударот, лавот изненадено го пушта човекот и се повлекува. Нападнатиот сосед поминал со полесни повреди.

Коментарите на социјалните мрежи се движат од саркастични и иронични до сериозни предупредувања за ризикот од чување диви животни во дворови и куќи. Многумина бараат итни мерки и санкции за вакви појави.