Во јавноста денеска се крена голема прашина откако лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на трибина во Гостивар ги етикетира телевизиите Алфа и Телма како „непријатели на Албанците“, јавува 360 степени. Од видеото во продолжение може точно да се види целиот говор и неговото посочување на овие медиуми.
За изјавата на Ахмети во која ги навреди македонските медиуми, а за истото не се извини ниту премиерот Ковачевски, реакција стигна од новинарските здруженија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, директорот на телевизија Алфа, Јани Бојаџи, редакцијата на ТВ Телма и новинарката Снежана Лупевска.
Но што точно кажа Ахмети за телевизиите Телма и Алфа може да се слушне од видеото што ДУИ го објави на Фејсбук, а на кое го има и обраќањето на првиот интегративец, Ахмети. „360 степени“ го преведе токму делот во кој се спомнуваат медиумите, со контекстот во кој Ахмети го зборува тоа.
„Јас бев и затворен, имав 18 години кога ме тепаа, Јован се викаше шефот на УДБ во Кичево, зашто баравме факултет на албански јазик во Скопје, имавме иницијатива како студенти во тој период со Азис Положани и други. Јас сум се борел за право на збор, а кога станува збор за демократизација на политичката организација, никогаш не сум забранил различно мислење во ДУИ, напротив, ги охрабрив затоа што така се збогатува политичката организација. И сега, кому му служиме со овие движења што се прават, се разбира, на непријателите на Албанците, аплаудираат Алфа, Телма, мелма, што се овие, што добиваат Албанците кои беа поделени во минатото? Ништо не добија. Богатсвата мора да се чуваат, но и да ја кажам вистината, жал ми е бидејќи ми беа соработници. Да ви кажам право, не ми се допаѓа, им кажав дека грешат, од друга страна, не им беше лошо, неправда не им направив, функции имале цел живот, на нивна совест е тоа како размислуваат за работите понатаму“, рече Ахмети.
Премиерот Димитар Ковачевски, на денешната прес-конференција во Владата, прашан како ја коментира изјавата на неговиот коалициски партнер, лидерот на ДУИ Али Ахмети, дека Алфа и Телма се „непријатели на Албанците“, и самиот искритикува некои телевизии за тоа како се однесуваат.
„Сигурно господинот Ахмети таа изјава ја дал врз основа на одредени факти и за објаснување ќе треба да го прашате него бидејќи за медиумите и јас имам свое лично мислење, така што единствено можам да кажам за моето лично мислење за тоа како одредени медиуми се однесуваат. Тоа ќе го прашате господинот Ахмети. Што се однесува до мене, можам да кажам дека во државата има медиум чијашто уредувачка политика повеќе наликува на уредувачка политика која тргува со енергенси, а има и медиум чијашто уредувачка политика повеќе личи на уредувачка политика на партиски сектор за комуникација“, рече Ковачевски.