Удар врз Фордо – иранската утврда под земја

Неколку часа по полноќ на 22 јуни, планинскиот венец Фордо, околу 200 километри југозападно од Техеран, се најде во центарот на меѓународната драма. Таму, каде што Иран со години гради подземна база за збогатување ураниум – наводно за мирољубиви цели – избувнаа жестоки експлозии. Нападот беше изведен со американскиот бомбардер Б-2, кој испушти десетина GBU-57 бомби, секоја тешка 13 тони, познати како Massive Ordnance Penetrator – најмоќната конвенционална бомба во арсеналот на САД.

Покрај Фордо, погодени беа и уште две стратешки локации во Иран. Додека прашината сè уште се слегува, меѓународната јавност остана во неизвесност: дали ова е почеток на тотална војна или последен обид за дипломатска пресметка?

Реакции од сите страни: Израел аплаудира, Иран се заканува

Израел ги поздрави американските напади како „клучен чекор во запирањето на агресијата на иранскиот режим“. Спротивно, од Техеран пристигна остар одговор. Министерот за надворешни работи, Абас Аракчи, го нарече нападот „акт на агресија со опасни последици“. Тој нагласи дека заминува за Москва на разговори со Владимир Путин. Иако изјави дека „вратата кон дипломатијата треба секогаш да биде отворена“, сепак додаде: „тоа не е случај во моментов“.

Од исламската револуционерна гарда порачаа: „Го задржуваме правото на самоодбрана. Американските сили ќе се соочат со жални последици“, пренесе државната агенција ИРНА. Ваквите изјави потсетуваат на инцидентот од 2020 година кога Иран со балистички ракети возврати врз американската база Ал Асад во Ирак, по убиството на генералот Сулејмани.

Радио Слободна Европа објави видео. Поглендете го во продолжение:

Дали Иран може да возврати?

Иако воени бази на САД се распоредени низ Катар, Кувајт, Саудиска Арабија, ОАЕ и Бахреин (каде се наоѓа Петтата флота), останува нејасно дали Иран воопшто е во состојба да возврати соодветно. Во последните десетина дена, израелските напади ја редуцираа иранската воена инфраструктура – со оштетени ракетни бази, фабрики за оружје и воздушна одбрана.

Сепак, Техеран има и други алатки. Сајбер-напади се една од опциите, бидејќи иранските хакери веќе имаат историја на напади врз израелски системи. Дополнително, иранскиот парламент на 22 јуни повика на затворање на Ормутскиот теснец – критичен коридор за транспорт на нафта од Персискиот Залив. Овој потег би можел драстично да влијае врз светските пазари на нафта, предизвикувајќи скок на цените и нова економска криза.