Компанијата „Брако“ денеска ја промовира првата во Европа еколошка машина за одржување на хигиена во урбани средини под брендот „Грин машинс“ ГМ500Х2 која работи на водород. Сопственикот на компанијата, Кочо Анѓушев, пред официјалната промоција, во изјава за Утрински брифинг информираше дека станува збор за еколошкото возило за чистење кое испушта само вода, а не издувни гасови како досегашните возила.

-Денеска ќе промовираме два нови модела, но посебно сме горди на овој производ, на кој работеше тим од 15 инженери од Македонија во соработка со инженери од Холандија. Ова е прво возило во светот кое работи на хидрогенски погон, и не загадува, односно испушта водена пареа наместо издувни гасови. Вакви возила веќе се продадени во Амстердам и во Утрехт, а после денешната промоција ќе оди на турнеја низ Франција и во другите земји низ западна Европа каде што има хидрогенска инсталација, рече Анѓушев.

Возилата на „Брако“ ја чистеле платформата пред Белата куќа пред инаугурацијата на претседателот Џо Бајден, а се употребуваат и за чистење на кралскиот двор во Англија. Сепак, новото еколошко возило не може да се употребува за чистење на улиците во Македонија, бидејќи кај нас нема хидрогенска инсталација.

-За жал во Македонија нема пумпи на кој може да се полни хидроген, односно нема инсталација за хидроген. Такви пумпи има во Германија, Холандија, Велика Британија, Скандинавските земји и Калифорнија. Возилото има и фиксен резервоар но и променливи боци за земјите каде што има на пример само една хидрогенска пумпа во државата, може да се наполнитат боците и да се вози возилото, рече Анѓушев.

Возилото чини од 170 до 210 илјади евра. Погледнете го видеото на „Слободен Печат“.