СДСМ е директен виновник што државата и граѓаните не можат да се справат со економската криза, ова денеска на прес-конференција го истакна Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Иако знаеле дека ќе има економска криза, не преземале ништо. Не предвиделе антикризни мерки кои што требало да ја ублажат кризата која што во моментов ја чувствуваат и живеат граѓаните. Наместо антикризни мерки, изминативе неколку месеци откако знаеле дека ќе има сериозна економска криза, продолжиле од Владата со непродуктивни трошења. На пример, изминативе неколку месеци потрошиле 2 милиони евра на луксуз. Само вчера презентиравме дека за кафиња, златен прибор за јадење, хотелски сместувања, телефонски услуги, режано цвеќе се потрошиле над половина милион евра. Еве на пример, претпријатието Железници иако е на раб на банкрот секој месец во годината, повторно се потрошиле над 7 милиони денари за канцелариски материјал и кондуктерски ташни. Иако доколку некој ги праша вработените таму, самите ќе кажат дека можеби баш сега и не им се потребни ташните и дека имало претходно набавка односно дека поважно им е редовно да земаат плата, вели Арсовски.
Тој додава дека Републичкиот совет за безбедност при сообраќај на пример одвоил околу 5 милиони денари за услуги за печатење. Да беа свесни дека ќе има економска криза, иако знаеле, ќе сфатеа дека тие пари би било попаметно да ги потрошат на некоја друга ставка или за нешто друго.
ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор, во време кога знаеле дека ќе има криза, за процена на деловен простор одвоиле 4.7 милиони денари. Ако сакале да заштедат и ако сакале да превенираат со трошење пари, ќе искористеле некоја од државните институции која што може да направи процена на деловниот имот и ќе ја направеле процената, а претпријатието ќе ги заштедело овие 4.7 милиони денари. И така, милионски суми на пари се трошат непродуктивно изминативе месеци, иако од Владата знаеле дека ќе има економска криза. Нема ниту една антикризна мерка и она што се обидуваат да го наметнат дека го донеле изминативе неколку денови како антикризни мерки е задоцнето и нема да го даде резултатот за да граѓаните ја преживеат оваа економска криза. Оваа политика на СДСМ е добро позната и се вели купи ден – помини, додека тие самите живеат и уживаат во луксузот со парите на граѓаните, вели Арсовски.