Вицепремиерот Артан Груби на својот фејсбук-профил се вклучи во живо во моментот на пристигнување на избирачкото место во ООУ „Петар Здравковски Пенко“ во скопски Чаир.

Следејќи го неговиот влез во објектот и во просторијата за гласање, по проверката на податоци, прашан од членовите на избирачкиот одбор дали ќе гласа за парламентарните избори и за вториот круг од претседателските избори, јасно се слуша, а потоа и се гледа, дека тој го бара и го зема само гласачкото ливче за изборите за пратеници.

Според досега објавените информации, евидентно е дека во одредени општини интересот за гласање на парламентарните избори е поголем отколку на претседателските избори.

Тоа го потврди и претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски. Тој на последната прес-конференција рече дека помал процент граѓани излегле за претседателските избори во општините во западна Македонија за разлика од источна и централна Македонија.

За претседателските избори да бидат успешни, услов е на гласање да излегле повеќе од 40 отсто од граѓаните со право на глас, запишани во единствениот избирачки список.

Според член 81 од Уставот на РСМ, „доколку и во вториот круг од гласањето ниту еден од кандидатите не го добил потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка“.

Целото видео можете да го погледнете на фејсбук-профилот на вицепремиерот Артан Груби.