Мал авион удри во највисокиот облакодер во Пекинг, кулата CITIC, позната и како China Zun, по што околината на зградата беше блокирана, а на терен беа испратени полициски и спасувачки екипи.

Кинеските власти засега не ја соопштија причината за несреќата, ниту објавија информации за евентуални загинати или повредени. Според очевидци на кои се повикува Reuters, леталото било со големина приближно колку автомобил и удрило во облакодерот околу 18 часот по локално време.

На социјалните мрежи се појавија видеа од различни агли, на кои се гледа како делови од авионот и стаклената фасада паѓаат од зградата, додека припадници на службите за итни случаи се собираат околу облакодерот. Според Reuters, оштетени биле две стаклени панели на еден од повисоките катови.

Медиумите јавуваат дека полицијата затворила дел од улиците што водат кон кулата и спречувала снимање на местото на настанот. Околу зградата биле распоредени голем број полициски возила, противпожарни екипи и амбулантни возила.

Според локалните медиуми, авионот полетал од аеродромот Шифоси околу 17:30 часот по локално време. При враќањето кон слетување, леталото наводно отстапило од планираната патека и удрило во облакодерот, но овие информации засега не се официјално потврдени.

Администрацијата за цивилно воздухопловство на Кина и другите надлежни институции до моментот на објавување не излегоа со официјално соопштение за околностите на несреќата.

Според South China Morning Post, по ударот биле спроведени евакуации во областа околу највисокиот облакодер во Пекинг, но не било веднаш јасно дали има жртви, повредени или колку лица се наоѓале во авионот.