Најмалку 21 лице, од кои две деца, сe загинати, а повеќе од 18 се повредени откако синоќа околу 20 часот, автобус паднал од надвозник во близина на Венеција, јавуваат италијанските медиуми.

„Меѓу жртвите, од кои две починале во амбулантното возило на пат кон болница, има и две деца. Загинат е и возачот на автобусот кој бил 40-годишен Италијанец. Повредените, меѓу кои и три деца, се префрлени во болниците во Местре, Мирано, Тревизо, Доло и Падова, а четворица од нив се во тешка состојба. Префектурата Венеција веднаш го активираше координативниот центар за спасување“,се вели во известувањето на италијанските медиуми кои од минута во минута ги обновуваат информациите.

 

Автобусот излетал од патот нешто пред 20 часот и паднал во близина на железничка линија во областа Местре, која е поврзана со Венеција преку мост, пренесуваат италијанските новински агенции.

„Последната вест е дека станува збор за автобус кој превезувал туристи. Најдовме украински документи. Сега сè уште ги извлекуваме последните тела, многумина се уште се заглавени. Причината за несреќата се уште не е јасна. Тоа е апокалиптична сцена. Јас сум без зборови“,објави градоначалникот на Венеција, Луиџи Бруњаро на социјалната мрежа „Икс“.

Претседателот на регионот Венето, Лука Заја вели дека веднаш била активирана целата мрежа и повредените се пренесени во болниците во Местре, Мирано, Падова и Тревизо.

„Користени се повеќе од 20 амбулантни возила. Жртвите и повредените се од различни националности, не само Италијанци. Операциите за извлекување и препознавање на телата се уште се во тек, спроведени од Противпожарната бригада, полициската станица и здравствените работници, на кои им благодарам за напорите. Побарав од целиот наш здравствен систем да ги стави на располагање сите можни ресурси за да се обезбеди максимална помош“,рече Заја.

Според министерот за внатрешни работи Матео Пјантедоси автобусот летал триесетина метри, а пожарот брзо се развил поради тоа што возилото било на метан. Сепак, како што информираат властите, дефинитивна проценка за причината на несреќата сè уште не е можна бидејќи возилото не е отстрането поради ризик од нов пожар затоа што имало двоен погон, на струја и на метан.