Претседателот Путин „директно го нападна правото на Украина на постоење“, рече вечерва американскиот претседател Џо Бајден во говорот во кој го најави воведувањето на „првиот бран“ тешки санкции против Русија.
Американскиот претседател соопшти дека САД ќе воведат тешки санкции кон Русија и нејзината „елита“ како одговор на „почетокот на инвазијата“ врз Украина и вчерашното признавање на самопрогласените народни републики Доњецк и Луганск од страна на Москва.
Новите економски санкции ќе бидат воведени кон најголемите руски финансиски институции, како и кон „руската елита и членовите на семејствата“, рече Бајден и го нарече признавањето „почеток на инвазијата“ врз Украина.
Просто кажано, Русија штотуку објави дека отсекува голем дел од Украина“, рече Бајден, велејќи дека САД ќе застанат на страната на своите НАТО-сојузници, но дека САД „немаат намера да се борат против Русија“.
Новите санкции, рече тој, се „целосно одбранбени потези од наша страна“.
Претседателот, исто така, вети дека ќе бидат воведени дополнителни санкции „доколку Русија продолжи со инвазијата“.
Што за име божје мисли Путин кој му дава право да прогласува нови таканаречени ‘земји’ на територија што им припаѓала на неговите соседи?“, рече Бајден.
Бајден рече дека неговите постапки би можеле да имаат „цена“ и во Русија и во САД, и дека тој се координира со производителите на нафта за да го ублажи секое понатамошно зголемување на цената на енергијата за Американците. „Ќе преземам силни мерки за да се осигурам дека болката од нашите санкции е насочена кон руската економија, а не кон нашата“, рече Бајден.
Сѐ уште има време да се спречи најлошото сценарио“, рече Бајден, додавајќи дека САД и нивните сојузници остануваат отворени за дипломатија.
Санкциите, меѓу другото, се насочени кон руските банки и државниот долг.
Тој посочи дека САД и сојузниците од НАТО ќе ја бранат секоја педа од територијата на членките на НАТО.
Украина сè уште е опкружена со повеќе од 150.000 руски војници. Русија ги зголемува залихите крв. Што ќе ѝ направи крвта ако не планира инвазија“, праша Бајден.
Watch live as I provide an update on Russia and Ukraine. https://t.co/3RmJlgWTVF
— President Biden (@POTUS) February 22, 2022