Ако не морате, не се ни обидувајте да го поминете Бит-пазар е советот што скопјани си го разменуваат веќе пет дена откако изгоре мостот „Беласица“ кај Транспортниот центар и беше затворен за сообраќај. Во метежот кај Бит-пазар се заглавува и по половина час. Возилата на моменти се поместуваат само по еден метар. Оние кои одат од Чаир кон Центар во колона се движат уште од крстосницата со Џон Кенеди, а оние кои од Центар одат кон Чаир почнуваат да стојат во место уште од крстосницата на булеварот Кочо Рацин со „11 Октомври“, кај Црвен Крст.
Мостот изгоре пред пет дена во кои градоначалничката на Скопје, во чија надлежност е мостот, ниту еднаш јавно не излезе да даде објаснување за штетите, да каже колку време мостот ќе биде затворен за сообраќај или да понуди алтернативно сообраќајно решение.
Таа денес не одговори на повиците од „Макфакс“, ниту пак нејзината служба за односи со јавност даде одговори на прашањата испратени на официјалното лице за контакт со медиуми.
За изгорениот мост се одважи јавно да зборува само Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи. Тој соопшти дека мостот ќе биде целосно затворен и за возила и за пешаци се додека не се утврди колкава штета направил огнот. Во име на Град Скопје кажа дека е формирана работна група која треба да ги утврди штетите.
Денес министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање рече дека МВР се уште не го комплетирало извештајот за пожарот на мостот кој го чекаат во Град Скопје.
Кога ќе ги испратите извештаите за опожарениот мост до Град Скопје бидејќи од таму велат дека не можат ништо да преземат
„Извештаите кога ќе бидат готови ќе бидат доставени до надлежните институции, тоа што е работа на Министерството за внатрешни работи. Инаку испитувањата кои треба да бидат направени дали пожарот допринел за намалување на статиката на мостот не е обврска на МВР“, рече министерот Спасовски.
Додека МВР го подготвува извештајот, а градоначалничката Арсовска се крие од јавноста, граѓаните на социјалните мрежи и предлагаат да се прилагоди веќе изградениот мост „Михаjло Апостолски“ кој делот кај салата Јане Сандански го поврзува со Керамидница. Коментираат дека е подобро да возат по ад-хок решение и неасфалтирани улици отколку да заглават во метежот околу Бит-пазар и по еден час.