Франција е зафатена од бран протести проследени со блокади, запалени барикади и судири со полицијата. Според официјалните податоци, речиси 200 лица се уапсени, а низ државата се распоредени околу 80.000 припадници на безбедносните сили, од кои 6.000 само во Париз. Властите проценуваат дека бројот на демонстранти може да достигне 100.000.

Во главниот град, полицијата употреби солзавец за да растера група млади кои го блокираа влезот на едно средно училиште. Пожарникарите ги гаснеа запалените барикади, а полицијата спречи околу илјада лица да навлезат во железничката станица Гар ду Нор.

Министерот за внатрешни работи, Бруно Ретајо, информираше дека во градот Рен бил запален автобус, а во други делови на државата кон полицијата биле фрлани големи камења.

Протестите се одржуваат само неколку дена откако парламентот изгласа недоверба за премиерот Франсоа Бајру. На негово место беше назначен Себастиен Лекорни, близок соработник на претседателот Емануел Макрон, што дополнително ја разгневи левицата.

„Истото сра*е е тоа – Макрон е проблемот, не министрите“, изјави Фред, претставник на синдикатот CGT за јавен превоз во Париз.

Нант денеска беше блокиран од демонстранти кои палат гуми и канти и го прекинаа сообраќајот на автопат. Во Монпеље граѓаните се судрија со полицијата на кружен тек, додека во Бордо околу педесетина маскирани лица се обидоа да изградат барикади. Во Тулуз протестот беше брзо растурен, но железничкиот сообраќај остана нарушен.

Движењето „Блокирајте сè“ првично започна на социјалните мрежи како иницијатива на десничарски групи, а потоа се приклучија левичарски и крајно левичарски организации. Француските медиуми оценуваат дека ова е израз на длабока недоверба кон политичката елита и незадоволство од економската политика на штедење.

Аналитичарите прават споредби со протестите на „Жолтите елеци“ од 2018 година. И тогаш незадоволството започна од растот на цените на горивото, но брзо прерасна во пошироко движење против политиките на Макрон и неговите економски реформи.