Борба со пожарот во Јасен

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, вечерва соопшти дека и ноќва главниот приоритет е заштита на објектите на Јавното претпријатие „Јасен“ и борба со пожарот што веќе неколку дена гори во таа територија. За целта на терен се испратени два оклопни транспортери „БТР“, два „хермелини“, четири возила „пинцгауер“ и повеќе противпожарни возила.

Во видео-изјава објавена на „Јутјуб“, Ангелов информира дека, освен пожарот во „Јасен“, во државата моментално нема други поголеми пожари. Тој објасни дека активен останува долниот дел на пожарот под патот кој од ловиштето води кон езерото Козјак, а потоа кон општината Македонски Брод, што предизвикува голема зачаденост.

– Со стемнувањето, на одредени локации ќе може да се забележат пламени јазици, бидејќи огнот на некои места се движи низ борова шума – изјави Ангелов.

Тој додаде дека денеска биле загрозени и самите објекти на ЈП „Јасен“, но дека брзата и енергична интервенција спречила пламенот да навлезе. – Денеска тие објекти се наш приоритет, бидејќи од задната страна постои ризик огнот да се доближи. Затоа ја засиливме одбраната со уште два „БТР“-и, стратешки поставени за брза реакција – нагласи тој.

На местото на интервенцијата, покрај оклопните возила, присутни се и четири „пинцгауери“ и два „хермелини“ на ДЗС, како и повеќе противпожарни возила подготвени за дејствување.