Утрово во Радио Лидер гостуваше Ана Крстиновска која е специјалист за надворешна политика и ЕУ-интеграции, со фокус на односите меѓу Кина, ЕУ и Западен Балкан. Со неа продискутиравме многу значајни теми, меѓу кои и пругата која е дел од Коридорот 10.
Коридорот 10 како стратешки инфраструктурен проект
Македонија потпиша договор за стратешко партнерство со Велика Британија чии финансии ќе се однесуваат превенствено за пруга која ќе ја користи и Кина. Според Крстиновска пругата е значаен чекор со кој ќе се подобри трговијата, првенствено за стоки, а потоа и за патници.
„Со самото тоа што пругата ќе биде по коридор 10 според кинеската номенклатура тоа е кинеско-европскиот експресен коридор. Значи, на некој начин тоа е во интерес на Кина. Кина долго време се обидуваше да ги поврзе Грција, Македонија, Србија и Унгарија да го изградат и модернизираат тој коридор и да се поврзе со пристаништето во Пиреа, а така како „кинеско пристаниште“ да извезуваат непречено кон останатиот дел од Европа“, рече Крстиновска.
Кинески интерес и неискористени европски фондови
Таа укажа на тоа дека Македонија нема искористено 40 отсто од европските фондови, а тоа се пари кои веќе не можеме да ги искористиме.
„Имајќи предвид дека ние немаме капацитет да ги спроведуваме европските фондови, а тоа го видовме последниве години. Во последните 7 години од 2021 до 2027 година изгубивме речиси 40%. Ова се пари за кои ни истече рокот и нема никогаш да ги добиеме. Не ги искористивме бидејќи немаме капацитет. Е сега, кога немаме капацитет да искористиме 40 отсто – тоа се 250 милиони евра. Кога немаме капацитет да ги искористиме како грантови, мора да се задолжуваме. Во последно време ние како држава, а и сите во регионот од 2021 година па наваму не сме склучиле договор со Кинезите. Се виде дека таквите зделки се контроверзни и недоволно транспарентни“, вели гостинката во Радио Лидер.
Крстиновска објаснува дека на Македонија ѝ беа потребни свежи пари за Коридорот 10.
„Нам ни беа потребни пари да дојдеме до „свежи пари“ да го изградиме тој коридор којшто не е само во интерес на Кина туку е во интерес на сите држави тука. Како една од државите која може да даде пари е Велика Британија и таа влезе во оваа зделка.“
Британска поддршка и безбедносен интерес
Новинарот Златев упати прашање „Каде е политичкиот интерес на Велика Британија да помогне овде“?
„Откако излегоа од ЕУ, Велика Британија има интерес да соработува со сите држави во Европа. Ние сме стратешки важни бидејќи сме на мигрантска рута. Безбедноста на оваа рута уште од 2015 година е во интерес на сите држави кои се северно од нас. Ова би било од корист за нас затоа што моментално железницата ни работи со загуби. Тоа е дел и од нашиот пат кон ЕУ. Така што, ако успее на некој начин да се модернизира пругата, главно за стоки, а некоја компанија има интерес да дојде да го модернизира тоа не гледам како ова е штетно за нас“, заклучи Крстиновска.
Погледнете го целото гостување на Ана Крстиновска во Радио Лидер:
