Трагедија во Кранс-Монтана: 47 загинати и над 100 повредени во новогодишен пожар
Најмалку 47 лица го загубија животот, а 115 се повредени во катастрофалниот пожар што избувна за време на новогодишната прослава во барот „Ле Констелејшн“ во познатиот швајцарски скијачки центар Кранс-Монтана, на југозападот од Швајцарија. Несреќата се случила околу 1:30 часот по полноќ, во моменти кога објектот бил исполнет со гости од повеќе националности.
Истрагата исклучува терористички напад
Надлежните институции соопштија дека настанот се третира исклучиво како пожар, при што можноста за терористички или друг насилен чин е целосно исклучена. Регионалната обвинителка информираше дека истрагата е насочена кон утврдување на причините за избувнувањето и брзото ширење на огнот, како и кон проверка на безбедносните услови во самиот објект.
Сопствениците се живи, една од нив повредена
Според информации објавени од француските медиуми, сопствениците на барот, Џесика и Жак Морети, се живи. Станува збор за брачен пар со потекло од Корзика, кој го презел локалот во 2015 година. Покрај „Ле Констелејшн“, тие управуваат и со ресторанот „Ле Вје Шале“ во местото Ленс. Во моментот кога избувнал пожарот, во објектот се наоѓала само Џесика Морети, 40-годишна жена, која се здобила со изгореници на раката.
🚨🇨🇭 ALERTE INFO : De nouvelles images et vidéos dévoilées quelques heures après la catastrophe de Crans-Montana montrent le départ du feu, avec de petites fusées fixées sur des bouteilles de célébration, notamment des bouteilles de champagne.
Les images révèlent aussi des… https://t.co/3e0vSvsKTM pic.twitter.com/ss7b4APU9f
— Trump Fact News 🇺🇸 (@Trump_Fact_News) January 1, 2026
Шок кај вработените и темелна истрага
Под раководство на Морети, некогаш запуштениот локал бил претворен во еден од најпосетуваните ноќни клубови во Кранс-Монтана, особено за време на туристичката и скијачката сезона. Еден од вработените изјавил дека колективот се наоѓа во длабок шок, нагласувајќи дека дел од персоналот го загубил животот во трагедијата. Швајцарските власти најавија темелна истрага што ќе вклучи проверка на противпожарните системи, евакуациските излези и безбедносните протоколи, додека паралелно продолжува идентификацијата на жртвите и информирањето на нивните семејства.
