Сообраќајот сериозно нарушен низ земјата

Бурата што зафати поголем дел од Хрватска и натаму предизвикува сериозни проблеми во сообраќајот и во секојдневното функционирање. Хрватскиот авто-клуб (ХАК) соопшти дека сите патишта што ја поврзуваат Далмација со остатокот од земјата се затворени за товарни возила.

„Нема слободен патен правец за камиони со приколки и влекачи со полуприколки од внатрешниот правец кон хрватскиот брег и Далмација, и обратно, поради зимските услови на автопатот А6, државниот пат ДЦ3 низ Горски Котар, автопатот А1“, известуваат хрватските надлежни служби.

Воедно, тие предупредуваат и на бројни ограничувања, како и прекини на сообраќајот на речиси сите главни патни правци низ Хрватска, која е погодена од бура проследена со обилни врнежи од дожд и силен ветер.

Прекини и во поморскиот и автобускиот сообраќај

Неповолните временски услови предизвикаа проблеми и во поморскиот сообраќај. Според тамошните медиуми, прекинат е поголем дел од фериботските линии.

Медиумите јавуваат и дека голем број автобуски линии биле во прекин, додека на одделни места сообраќајот бил пренасочен поради паднати електрични кабли. Дополнителни проблеми создава и силниот ветер, кој на повеќе локации предизвика материјална штета.

Според информациите на „24sata“, ветерот однел покрив од една куќа, кој потоа завршил во дворот на блиското училиште.

Над 100 интервенции само во Загреб

Пожарникарите низ земјата имаат полни раце работа, а најчесто интервенираат поради паднати дрвја. Ситуацијата е особено тешка во Загреб, каде итните служби имале повеќе од 100 интервенции, што го потврди и градоначалникот Томислав Томашевиќ.

„Имавме над 100 интервенции, претежно од пожарникари“, рече градоначалникот.

Тој нагласи дека најважно е што во текот на денот немало повредени и дека службите реагирале брзо, поради што не дошло до поголеми прекини во функционирањето на градот. Во меѓувреме, извештаи за паднати дрвја и натаму пристигнуваат од бројни локации низ земјата.