Крис Џенер бурно реагирала откако дознала дека нејзината љубовна афера од пред повеќе од три децении се нашла во новата биографија на нејзината ќерка Ким Кардашијан. Според авторот на книгата, Џонатан Ван Митер, таа отворено го искажала својот гнев за време на снимањето на реалното шоу „The Kardashians“. Џенер реагирала зошто нејзиното минато морало повторно да стане тема во јавноста преку личната приказна на нејзината ќерка.

Ван Митер за „Холивуд репортер“ раскажал дека Ким му се јавила доцна навечер за да му пренесе што точно се случило. Нејзината сестра Клои Кардашијан претходно ѝ соопштила дека нивната мајка не можела да ги совлада емоциите пред вклучените камери откако слушнала дека во книгата детално се споменува аферата стара 30 години.

„Зошто Ким нè вовлече сите во ова? Зошто мојата афера од пред 30 години е во книгата?“, викала Џенер.

Сепак, тензичната ситуација во семејството не траела долго. Ван Митер открил дека според деталите што подоцна ги добил директно од Ким, само два дена по инцидентот нејзината мајка веќе се смирила. Авторот посочил дека очекува оваа непријатна сцена да биде интегрален дел од следната сезона на популарното реално шоу.

Биографското дело насловено „Citizen Kim: The Woman Who Created the Future“ го потпишува новинарот Џонатан Ван Митер. Тој неколку години интензивно работел на биографијата, водејќи долги разговори со Ким и со луѓе од нејзиниот најблизок круг. Книгата беше официјално објавена на 27 октомври 2026 година, откривајќи низа непознати поединости за нејзиниот приватен живот, семејната динамика и сложените односи со поранешниот сопруг Канје Вест.

Контроверзната афера се случила во периодот кога Џенер била во брак со познатиот адвокат Роберт Кардашијан, со кого ги има четирите деца – Кортни, Ким, Клои и Роб. Нејзиниот љубовен партнер тогаш бил Тод Вотерман, поранешен фудбалер, со кого одржувала тајна врска во текот на 1989 година.

Крис и Роберт Кардашијан стапиле во брак во 1978 година, а официјално се развеле во 1991 година. Таа подоцна во неколку наврати јавно зборуваше за неверството, признавајќи дека таа одлука ја смета за една од најголемите грешки во својот живот. За време на епизода од реалното шоу во 2023 година, кога Клои директно ја запрашала зошто го изневерила нивниот татко, таа признала дека постапила непромислено и покрај тоа што сопругот бил одличен татко и партнер.

„Тоа е она за што најмногу жалам во животот“, изјавила Џенер.