Премиерот Савант најави строга истрага и одговорност за сите пропусти

Најмалку 23 лица загинаа во тежок пожар што избувна во ноќниот клуб „Арпора“ во индиската држава Гоа, а меѓу жртвите има и неколку странски туристи. Press Trust of India објави дека трагедијата ја предизвикала експлозија на цилиндар за гас, по што огнот брзо се проширил.

Шефот на полицијата во Гоа, Алок Кумар, изјави за агенцијата дека „најмалку 23 тела се пронајдени“ и дека „загинатите се главно вработени во клубот“. Тој нагласи дека првичните наоди укажуваат на сериозен технички дефект кој довел до смртоносната експлозија.

Премиерот на Гоа, Прамод Савант, објави на платформата Х дека „денеска е многу болен ден за сите нас во Гоа“ и додаде: „Големиот пожар во Арпора одзеде животи на 23 лица“. Тој соопшти дека веднаш ја посетил локацијата на несреќата и наредил целосна истрага.

„Оние кои ќе бидат прогласени за одговорни ќе се соочат со најстроги законски мерки. Секоја небрежност ќе биде строго казнета“, порача Савант, нагласувајќи дека случајот се третира со највисоко ниво на итност.

На новинарите им објасни дека „три до четири“ од загинатите биле туристи. Според првичните информации, три лица починале од тешки изгореници, а останатите жртви настрадале од задушување.

Гоа, некогашна португалска колонија на брегот на Арапското Море, е една од најпознатите туристички дестинации во Индија. Ноќниот живот, песочните плажи и опуштената атмосфера привлекуваат милиони посетители секоја година. Според официјалните податоци, само во првата половина од годината Гоа ја посетиле околу 5,5 милиони туристи, од кои 271.000 биле странци.