Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, оцени дека божиќното обраќање на украинскиот претседател Володимир Зеленски било „нецивилизирано и горчливо“, додавајќи дека, според него, тоа остава впечаток на „нестабилна личност“.

– Видовме извештај за навистина бизарно божиќно обраќање на Зеленски. Тоа е нецивилизирано, горчливо и звучи како малку нестабилна личност – изјави Песков пред новинарите, одговарајќи на прашање за обраќањето.

Тој дополнително посочи дека Кремљ ја доведува во прашање способноста на Зеленски да носи соодветни одлуки насочени кон политичко и дипломатско решение на конфликтот во Украина.

Претходно, во својата божиќна „честитка“, украинскиот претседател Володимир Зеленски се осврна на рускиот претседател Владимир Путин со остар коментар.

– Дај боже да умре, секој од нас може тоа да го помисли во себе – рече Зеленски.

Во продолжение, тој го смени тонот на пораката и се фокусираше на пошироката порака за мир.

– Но, кога се свртуваме кон Бога, се разбира, бараме нешто поголемо. Бараме мир за Украина. Се бориме за него. И се молиме за него. И го заслужуваме – рече Зеленски.

Украинскиот претседател додаде дека Украинците сакаат секое семејство да живее во хармонија, а секое дете да се радува на подароци, насмевки и вера во добрината и чудата.

Во своето обраќање, Зеленски изрази и надеж дека добрината и вистината ќе надвладеат.

– Нека биде победа на мирот. Нека бидеме ние. И нека биде Украина – рече тој.

Во јули 2023 година, Зеленски потпиша закон со кој се наведува дека Божиќ во Украина официјално ќе се слави на 25 декември според јулијанскиот календар.