Актуелната претседателка на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска е независен кандидат за градоначалник на Град Скопје,
Оваа вест таа ја потврди на својот Фејсбук профил каде напиша дека ја бара поддршката на граѓаните кои сакаат промени.
„Време е да делуваме различно од досега, а времето не чека никого. Доаѓа крајот на политички агенди и лажни ветувања. Политички калкуланти, лаги и корупција континуирано ни ги одземаат шансите за нормален живот. Заткулисни игри предолго го окупираат градот и неговото функционирање, а незадоволството кај граѓаните континуирано се зголемува.Или ќе стоиме на страна или ќе се спротивставиме и ќе почнеме заедно да ги менуваме работите. Партизираност на институциите или одлучност и професионалност за пристоен живот!Време е да се одбере – празни ветувања, нереализирани проекти или вредни, способни и исполнителни личности кои нема да потпаднат под политички притисоци и нема да се откажат од својата визија.Ние како граѓани не бараме многу. Не бараме лажни ветувања кои никогаш нема да бидат исполнети од страна на политичарите. Напротив, ни требаат храбри личности кои ќе ги застапуваат нашите права и привилегии и ќе се грижат за нашите потреби за достоен живот како што заслужува секој еден граѓанин. Мора да имаме храброст и да кажеме “Ние заслужуваме подобро!”“, пишува Арсовска.
Таа додава дека токму од таа причина одлучила да делува и да се кандидира за Градоначалник на Скопје како независен кандидат.
„Како изградена личност и жена која со труд и посветеност успеала во личните и професионални предизвици, Ве повикувам ЗАЕДНО да се посветиме Скопје да прерасне во современа и Европска метропола!Да победиме заедно! Да создадеме современ град, центар на културата и спортот, град на солидарноста и соживотот. Еколошки чист и одржлив град.За младите кои градат иднина. Компетентни луѓе на вистинските места. За луѓето кои сакаат сигурност и стабилност. Скопје кое се грижи за скопјани!Заедно! Силно! Да покажеме знаење“, вели Арсовска.