Денеска на полигонот „Криволак“ ќе биде уништена голема количина на минско-експлозивни средства запленети пред 15 години.
Како што вчера информираа од МВР, во текот на вчерашниот ден, полициски службеници од страна на Оддел за криминалистичка полиција – Единица за недозволена трговија со оружје, опасни материи и радиоактивен материјал, преземаат мерки и активности. Тие делувале во координација и содејство со полициски службеници од Единица за откривање и демонтирање на експлозивни средства и направи. Овие активности се дел од планот за ништење на огромна количина на минско-експлозивни средства.
После цели 15 години, од МВР најавија дека во текот на денешниот ден (13.12.2025), овие средства ќе бидат транспортирани од касарна „Ѓорче Петров“ до армискиот полигон „Криволак“. Ова ќе се изведе со товарни возила-камиони на АРМ. Спроведувањето ќе биде во присуство на Комисијата за уништување на оружје, делови и компоненти на оружје, муниција и експлозивен материјал. Полициски службеници, стручни лица од АРМ и пиротехничари од Дирекција за заштита и спасување ќе го спроведат уништувањето. Тоа ќе биде со контролирана детонација.
„Фактот дека ова е прв случај на уништување на ваков тип минско-експлозивни средства по цели 15 години, за жал, говори дека претходно не била соодветно третирана безбедноста на граѓаните со должната сериозност. Денешниот чекор јасно покажува дека со одговорен пристап, вистинска посветеност и професионално раководење. Овој сегмент од безбедносниот систем конечно се поставува на ниво какво што одамна требало да биде“, велат од МВР.
