Светски познатиот холивудски актер Џим Кери стапи во брак со својата партнерка Мин Ах. Свадбената церемонија доаѓа по седум месеци откако тие за првпат официјално се појавија заедно во јавноста на доделувањето на престижните филмски награди Цезар во Франција.

За време на свеченоста на доделувањето на наградите во Франција, познатиот комичар и ѕвезда на култниот филм „Ајс Вентура“ говореше целосно на француски јазик и упати посебна порака до својата сакана.

„Благодарам на моето прекрасно семејство, ќерката Џејн и внукот Џексон. Ве сакам сега и засекогаш. Благодарам на мојата прекрасна партнерка, Мин Ах. Те сакам, Мин Ах. И конечно, му благодарам на најдуховитиот човек што некогаш сум го познавал – татко ми Перси Џозеф Кери, кој ме научи на вредноста на љубовта, дарежливоста и смеата“, вели Џим Кери.

Кери со години наназад ретко открива детали од личниот живот. За време на промоцијата на филмот „Sonic the Hedgehog 2“ во април 2022 година, тој за медиумите отворено посочи дека размислува за целосно повлекување од филмското платно за да му се посвети на спокојниот живот.

„Јас сум прилично сериозен. Зависи. Ако ангелите ми донесат сценарио напишано со златно мастило и ми кажат дека тоа е нешто што ќе биде навистина важно за луѓето да го видат, можеби ќе продолжам да глумам. Но, засега, паузирам“, вели Џим Кери.

Тој тогаш додаде дека ужива во креативната осаменост со семејството и сликањето, нагласувајќи дека духовно се чувствува исполнет.

„Навистина ми се допаѓа мојот мирен живот, сакам сликање и ми се допаѓа мојот духовен живот. Се чувствувам како да имам доволно, а тоа е нешто што можеби никогаш повеќе нема да го слушнете од славна личност“, вели Џим Кери.

Пред бракот со Мин Ах, Кери беше во куса врска со колешката Џинџер Гонзага во 2019 година. Претходно, тој беше во брак со актерката Лорен Холи од 1996 до 1997 година, како и со сопругата Мелиса Вомер од 1987 до 1995 година, со која ја има ќерката Џејн.