Музичкиот продуцент и основач на „Бед Бој Рекордс“, Шон Диди Комбс, е итно префрлен во изолационото одделение во затворот каде што отслужува казна од 50 месеци. Одлуката за негово затворање во самица следува по серија медиумски извештаи за негов привилегиран и необичен затворски третман.
Претходно телевизиската мрежа NBC објави сведоштва на затвореници кои тврдат дека педесет и шестгодишниот Комбс уживал посебни бенефиции. Останатите осуденици му подготвувале специјални оброци, му нуделе масажи и ги извршувале секојдневните задолженија за него во замена за парични средства.
Извори од затворските установи посочуваат дека сместувањето во самица претставува редовна безбедносна процедура додека надлежните служби спроведуваат детална внатрешна истрага за сите наводи.
„Тоа е нешто што вообичаено не се гледа во затвор. Тоа е некое богато срање. Звучи лудо, но тоа е Диди“, вели еден од поранешните затвореници.
Еден од мажите кој престојувал со него откри дека редовно му готвел специјалитети како пица, пилешко со кари и емпанади сè додека не се изморил од обврските. Покрај ова, објавена беше и фотографија на која Комбс наводно користи нелегално внесен мобилен телефон за пребарување на Инстаграм.
Сведоците исто така посочија дека познатиот рапер имал тајна залиха на скап алкохол доставена од затворски службеници, како и дека купувал антидепресиви од други лица зад решетки.
Тимот на Комбс категорично ги отфрли сите вакви тврдења, нагласувајќи дека станува збор за непотребна медиумска сензација.
„Непрестајната анализа на секој тривијален детаљ од животот на Шон Комбс во затворот стигна до точка каде што медиумите прават вест од обичниот затворски живот. Единствената вистинска вест е дека Шон сè уште ја отслужува казната според правилата и трпеливо чека одлуката на судот по жалбата“, вели портпаролот на Шон Комбс.
Федералната затворска служба соопшти дека од безбедносни причини и заштита на приватноста не ги коментира поединечните затворенички досиеја.
