Со заменикот министер за надворешни работи Зоран Димитровски зборуваше редкацијата на „Само прашај“ за наводите во извештајот на Томас Вајц за постоењето на некаков „српски свет“ во Македонија, кои ја вжештија дискусијата на домашен план. Тој смета дека нема сериозна аргументација за наводното српското влијание и дека напротив нашата држава „извезува македонски свет“. Македонија, вели тој, целосно ја има усогласено својата надворешна политика со ЕУ кон Украина, членка е на НАТО, и не отстапува од курсот за евроинтеграција и оттука нема допирни точки со политиката на Белград.
Во извештајот на Томас Вајц се вели дека во Македонија има српско влијание и српски свет. Што мислите, од каде ги извлекол тие заклучоци и дали се основани таквите наводи?
– За жал, таму ја има и формулацијата „српски свет“ која беше создадена пред неколку години после настапите на српскиот министер Вулин кој говореше за тоа. Мислам дека таа формулација за српски свет и за некакво српско влијание е ставена на барање на неколку бугарски европратеници, а Вајц ја прифатил, со идеја да го балансира делот каде што во четири места во извештајот првично беше споменат македонскиот идентитет и македонскиот јазик, и можеби малку несмасно и тактички да го избалансира сето тоа. Инаку, автор на таа идеја дека во Македонија има српско влијание и дека сме ние дел или треба да бидеме дел од некаков српски свет, е условно речено бугарската врховистичка политичка елита која се обидува да наметне теза дека во Македонија сѐ што не е бугарско е српско. И тоа е идеја уште од времето на Санстефанска Бугарија. Во суштина бугарската и научна и политичка елита не може да прифати никаков македонски свет и никаков македонизам. Таму интензивно се работи на бугарски свет – официјална Софија, како што знаете, се обидува да пронајде и да регрутира етничко бугарско малцинство во Албанија, на Косово. Тоа е автентичен бугарски свет како што тие сакаат да го направат. Бидејќи Македонија отстапува од таа нивна матрица тогаш, тоа се припишува на Белград дека ние сме наводно дел од српскиот свет и остануваме заробени во таа српска матрица.
Се разбира тоа е комплетна невистина ако ги погледате другите елементи како се однесува надворешната политика на Македонија и на што се темели. Нели ако си дел од некаков српски свет нужно е да бидете дел од надворешната политика на Вучиќ, надворешната политика на Србија. Но, ние сме комплетно спротивни на таа надворешна политика што ја води Србија, барем што се однесува до клучното прашање на меѓународната заедница – односот кон украинската криза. Значи, комплетно, санкции, сто отсто усогласеност со европската надворешна и безбедносна политика, санкции кон Русија, помош на Украина, неколку пакети помош и тоа ќе продолжува. Значи, ние не сме дел од тој свет. Не само што не сме, туку сме и спротивставени.
И друг аргумент – имаме во Владата коалициски партнер ВЛЕН кој што од друга страна знаеме дека има сериозна соработка со косовската влада предводена од господинот Албин Курти. Имаме одлични односи со таа влада. Како може да биде обвинувана влада што соработува со Албин Курти дека е дел од српски свет?
И трето, не помалку важно, сите потези што ги влече надворешната политика на Македонија се наспроти тој условно речено српски свет – стратешкото партнерство со Велика Британија, со САД. Така што не гледам сериозна аргументација дека сме дел од некаков српски свет.
Македонскиот свет е отпорен
Треба ли да се сфатат сериозно тие наводи во Извештајот? Каков е односот на Владата спрема нив?
-За тој извештај се разговараше надолго и нашироко во Македонија. Тој извештај не е обврзувачки, затоа што едно се извештаите подготвени од Европската комисија кои што ги усвојува Европскиот совет, други се извештаите на Европскиот Парламент. Во Европскиот Парламент има различни мислења, има радикални структури, десница, левица, крајна десница, крајна левица и за жал некогаш во извештаите допираат и таков тип на радикални мислења кои во реалноста немаат никаква поткрепа. Тоа не значи дека ние не треба да дадеме значење затоа што знаеме од каде доаѓаат таквите извештаи, односно таквите интерпретации на она што се случува во Македонија. За жал, има поткрепа и од одредени структури во Македонија на таквите размислувања дека ние сме дел од српскиот свет. Пред сѐ тие тврдења се базираат на некаков фолклор или култура благодарение на тоа што ние сме живееле 50-тина години заедно во иста држава во Југославија, па имаме рефлексии на култура, гостување на пејачи од поранешна Југославија, од Србија итн, нешто што се случува на целиот некогашен југословенски простор, па дури и во Хрватска. Значи, најголемите турбо-фолк ѕвезди гостуваат и во Хрватска, па дали тоа значи дека Хрватска е дел од некаков српски свет? Со други зборови ние сме дел од една културна матрица на еден поширок југословенски простор.
И мене не ми се допаѓа што имаме многу повеќе српски, хрватски или босански ѕвезди во Македонија отколку македонски. Но тоа беше нашиот културен простор. И логично е. Ние не можеме тоа да го пресечеме преку ноќ и да форсираме некаква друга културна матрица. Инаку во ’90-тите години ако се сеќавате имавме шоуа на телевизија А1 со бугарската телевизија каде што настапуваа македонски пејачи. Мислам дека некои познати имиња како Кајмакоски беше во Софија, и тоа шоу престана. Сега гледаме на Гранд победуваат наши млади пејачи со македонска музика и фолклор, и тоа е некаква взаемна размена. Фактички ние изведуваме и македонски свет. Сакам да резимирам во овој контекст дека актуелната Влада посветува многу внимание на ширење на македонската национална идеја и на ширење на македонскиот свет.
Било какви пројави за српски свет или албански свет во Македонија или некакво друго влијание е можеби само резултат особено на тие политички структури и на тие државни проекти некаде кои што сакаат да имаат влијание во Македонија. Но мислам дека има доволно отпор овој македонски свет кој што е веќе создаден со децении во Македонија и дека само се засилува во тој контекст.
Целото интервју може да го погледнете ТУКА.