Актерката Весна Петрушевска Бејби секогаш е гласна кога станува збор за неправдите. Таа како учесничка на дебатата за врсничко насилство му одржа лекција на министерот за образование Јетон Шаќири за тоа што треба да превзема како надлежни, објави Скопјеинфо.

Петрушевска кажа дека анкетирала 80 деца од 8 до 14 години во нејзината актерска школа и сите кажале дека имало ножеви во нивните одделенија, па го праша министерот: Како ќе го регулирате тоа?

Видеото стана вирално со оглед дека додека Петрушевска го поставуваше прашањето ресорниот министер на дебатата гледаше во својот мобилен телефон.


Според Петрушевска, Шаќири „кажува бајка“ кога зборува што презема МОН за превенција од оваа појава во училиштата, меѓу кои и најавените протоколи од новата учебна година.

-Има деца кои не сакаат да кажат за врсничкото насилство затоа што, прво, имаат страв од родителот дома да не го осуди, а, второ, кога ќе пријават кај психологот во основното училиште и кај класниот раководител, секогаш жртвата е виновник… Овие деца се други, растат во друго време и во таа насока треба да ги воспитуваме и да се грижиме за нивното ментално здравје кое во Македонија е табу-тема, кажа Петрушевска.