Ракометарите на Вардар 1961 ја извојуваа првата победа во Лигата на шампиони, откако вечерва во супериорен стил го надиграа францускиот вицешампион Нант на гостински терен со 33-27 во рамки на претпоследното коло во групата Б.

Пред 5.900 свои навивачи, Нант го отвори натпреварот со водство од 2-0, но Вардар брзо влезе во посакуваниот ритам, предводен од расположениот Милош Валах на голот и откако израмни на 5-5, со серија од 3-0 го презеде водството кое на средина од полувремето достигна +4 (11-7).

Францускиот тим се доближи на гол негатива (12-11), но Вардар по тајмаутот на тренерот Иван Чупиќ ги консолидираше редовите и со нова серија од 4-1 замина на полувреме со водство од 16-13.

Вардар целосно доминираше во вториот дел и на средина од полувремето поведе со високи седум голови разлика 24-17, а потоа рутински го приведе натпреварот до самиот крај, забележувајќи ја првата победа во групата во која на три од претходните четири натпревари претрпе тесни порази, вклучувајќи го и оној во Скопје од Нант со 33-32.

Валах беше фантастичен вечерва на голот на Вардар со 17 одбрани, додека Леон Љевар со седум и Јака Малус со шест голови го предводеа нападот на македонскиот шампион.

„Секогаш е тешко да се игра во Нант. Имавме четири тешки натпревари што ги загубивме во последните минути, со еден или два гола разлика. Чекавме еден совршен натпревар и два бода кои би можеле да ги прославиме. Беше важно да покажеме дека сме подобри отколку на претходните натпревари“, рече тренерот Иван Чупиќ.

Во завршното коло од групата Б, ракометарите на Вардар на 28 овој месец го пречекуваат германски Мелсунген во Скопје.