Политичкиот аналитичар Милан Стефаноски во своето гостување во емисијата „НАТКАСТ“ со новинарот Љупчо Цветановски оцени дека меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ постои фундаментална разлика во начинот на водење на државната политика. Тој посочи дека актуелната владина гарнитура мора да се справува со тешки последици што ги остави претходната власт на СДСМ, при што двете партии функционираат според сосема спротивставени концептуални принципи.
Стефаноски истакна дека СДСМ со години функционира според либерално-глобална матрица која, според неговите зборови, ги користи националните интереси како средство за политичка трговија заради опстанок на власт. Тој се осврна на прифаќањето на Францускиот предлог и уставните измени, критикувајќи ги потезите со кои се правеа отстапки на штета на македонските државни позиции.
„Видете, тоа се две целосно различни матрици. Станува збор за СДС со матрица околу која дејствува и линии кои задираат во либерално-глобален поредок, финансирања од сорос и така натаму кои имаат стратегија државата да ја користат за трговија, а со тоа и националните интереси со тоа да можат да останат што подолго на власт за да можат што повеќе да крадат. Нивната стратегија во меѓународните односи е да распродаваат и без проблем ги распродаваат државните интереси како начин на делување на таа ‘елита’, за да бидат аменстирани од криминал, понатаму да ги распродаваат компаниите и сите добра кои ги има државата, ЕВН, се сеќавате на транзицијата. И со тоа што ќе коленичат таму и ќе бидат секогаш посакуван партнер, бидејќи тоа се безрбетници во своето дејствување (најпопуларната девојка во маало)“, вели Милан Стефаноски.
Аналитичарот образложи дека ВМРО-ДПМНЕ претставува класичен антипод на таквото дејствување бидејќи цврсто избира курс на суштински реформи и почитување на копенхашките критериуми, без компромис со националното достоинство. Тој предупреди дека Европската Унија во моментов не е подготвена за ново проширување, и покрај честите пораки што доаѓаат од Брисел и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Не, не смееме да ги лажеме нашите граѓани, Европа не е спремна да се прошири на 27 плус во догледно време и сето ова е да се направи една атмосфера дека Европа е спремна. Јас паметам, во овие неколку години Фон дер Лајен најмалку пет пати има кажано дека станува збор за моментум. Значи, моментум е СЕГА и не може тој моментум да трае пет години. Во таа смисла ние се имаме изгорено како држава и имаме направено премногу отстапки, особено од нашите идентитетски одредници, знамето, името, уставот и сè така натаму, но тоа нам не ни донело ништо друго освен повторно понижување“, вели Милан Стефаноски.
Стефаноски го посочи примерот на Исланд, земја која има високи економски стандарди и стабилно владеење на правото, а не е членка на Европската Унија, нагласувајќи дека реформите треба да се спроведуваат првенствено заради доброто на сопствените граѓани. Тој упати критики и до лидерот на СДСМ, Венко Филипче, оценувајќи дека со своите ставови се обидува да се наметне како гласноговорник на европските неолиберали во услови кога социјалдемократијата се соочува со сериозен пад на влијанието.
