Двојни стандарди на Трендафилов: ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ побараа оставка од претседателот на Сојуз на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, обвинувајќи го за злоупотреба на службено возило за приватни цели. Според нив, додека јавно ги повикувал пратениците да одат пешки, Трендафилов истиот ден се појавил на протест со службено возило, кое, како што тврдат, било користено и за семејни потреби.
Од пратеничката група соопштија дека станува збор за „чист случај“ за кој правосудните органи треба да постапат и да утврдат одговорност. Тие побараа Јавното обвинителство да отвори постапка и да испита на кој начин било користено службеното возило од денот на неговото назначување до денес.
Не го слушајте што зборува, туку гледајте го како се однесува… Трендафилов, службеното возило на ССМ и приватните обврски… pic.twitter.com/9SM1YTwgUA
— Дафина Стојаноска (@daci99640087) February 10, 2026
Обвинувања за дефокусирање и злоупотреба
Во реакцијата се наведува дека наместо да се соочи со, како што велат, скандалот, Трендафилов ја напаѓал пратеничката Дафина Стојаноска, обидувајќи се да се прикаже како жртва. Пратениците тврдат дека снимката е преземена од социјалните мрежи и дека веќе е јавно достапна.
Дополнително, тие прашуваат дали правилникот на ССМ дозволува користење на имотот на синдикатот за приватни потреби и посочуваат дека јавноста треба да добие одговори за начинот на користење на средствата.
Контраобвинувања и најави за постапки
Трендафилов денеска побара од претседателот на Собранието, Африм Гаши, да поведе постапка за одземање на имунитетот на Стојаноска, а од МВР и Обвинителството да покренат постапка против неа. Тој изјави дека објавувањето на снимката со неговите малолетни деца претставува притисок и праша дали службите го следат претседателот на ССМ.
Претседателот на ССМ најави дека за случајот ќе ги информира амбасадите, Делегацијата на ЕУ, како и меѓународните синдикални организации, вклучително и Меѓународната организација на трудот. На прес-конференција ја најави и утрешната блокада на Стопанската комора, Организацијата на работодавачи и Бизнис конфедерацијата, која треба да започне во 12 часот.
