Никола Тесла, научникот чии идеи ја обликуваа модерната наука и технологија, почина сам на Божик 1943 година во Њујорк
Никола Тесла, научникот чии идеи ја обликуваа модерната наука и технологија, почина сам на Божик 1943 година во Њујорк, градот во кој живееше речиси шест децении. Неколку дена по неговата смрт, во катедралата „Свети Јован“ беше организирана комеморација на која присуствуваа околу 2.000 луѓе.
Како што наведува неговиот биограф Марк Сајфер, веста за смртта на Тесла одекнала силно и надвор од научните кругови, при што таа била примена со тага дури и од тогашната прва дама на САД, Елеонор Рузвелт. Комеморацијата ја водел тогашниот градоначалник на Њујорк, Фиорело Ла Гвардија, кој ја прочитал посмртната беседа напишана од словенечкиот писател Луј Адамич.
На настанот присуствувале бројни истакнати научници и добитници на Нобелова награда, а ковчегот со телото на Тесла го носеле познати личности, меѓу кои и Едвин Армстронг, пронаоѓачот на AM и FM радиото. Сајфер посочува дека Тесла имал можност да стане најбогатиот човек во Америка, но наместо личното богатство го избрал напредокот на човештвото.
Последната деценија од животот, Тесла ја поминал во хотелот „Њујоркер“, а во тој период, според достапните податоци, разговарал со највисоки американски и британски функционери за завршувањето на Втората светска војна. Комеморацијата во негова чест се одржала на 10 јануари, а меѓу присутните биле и писателот Марк Твен и француската актерка Сара Бернар.
Зад себе, Тесла остави повеќе од 700 патенти, од кои над 300 се заштитени во 27 земји на пет континенти. Денес, неговите пронајдоци и научни достигнувања се претставени во реномирани музејски институции, меѓу кои Смитсонијан во Вашингтон и Куќата на славните пронаоѓачи во Александарја.
