Најмалку едно лице загина откако поради истекување на гас дојде до експлозија што предизвика уривање на неколку згради на Сицилија, соопштија утринава италијанските служби за итни случаи, јавува ДПА.

Едно тело беше извлечено од урнатините, додека две жени се спасени, а уште осум лица се водат како исчезнати, соопшти единицата за цивилна заштита на Сицилија (DRPC Sicilia) утринава,малку пред 5 часот (0400 GMT).

„Голем број згради“ се урнаа по експлозијата што се случи синоќа околу 20:30 часот во Равануса, град на околу 110 километри југоисточно од Палермо, соопшти ДРПЦ Сицилија.

Според агенција АНСА, три згради се урнале, а уште три се оштетени.

Пожарникарите за италијанската агенција кажаа дека истекување на гас е „многу веројатно“ причината за експлозијата.

-Експлозијата можеби е предизвикана од активирање на лифт, изјави за АНСА команднатот на противпожарната бригада на Агриџенто, Џузепе Мерендино. „Во наредните денови ќе истражуваме дополнително, но она што е сигурно е дека таквата експлозија е исклучителен настан“, додаде тој.

Првата жена беше спасена од зграда „најверојатно во близина на оние кои беа погодени од катастрофата“. Таа се здобила со полесни повреди и била пренесена во локалната болница каде о биле откриле „неколку фрактури“, соопшти Итната служба.

Втората жена, за која се вели дека е нејзината сестра, била извлечена од урнатините неколку часа подоцна, според шефот на DRPC Сицилија, Салво Кочина.

АНСА, цитирајќи ја цивилната заштита, пренесе дека меѓу исчезнатите има и две деца и една трудница, што требало да се породи во среда.