Акција „Бункер“: Полицијата со нови претреси против криминалната група „Беланоца-Барон“
Под раководство на предметниот обвинител, утринава од раните утрински часови се спроведуваат претреси на пет локации во Скопје, во рамки на истрагата за случајот со кодно име „Бункер“, соопштија од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
„Акцијата е резултат на обезбедени докази во рамките на истражната постапка што се спроведува против членовите на криминалната група ‘Беланоца-Барон’. Со повеќе информации ќе излеземе во текот на денот“, велат од обвинителството.
Погледнете во продолжение:
Истражувањето ги поврзува осомничените со брутални убиства
Неофицијално, полицијата врши претреси на локации поврзани со лица кои се сомничат за тешки кривични дела, меѓу кои и двете брутални убиства што ја потресоа јавноста – убиството на Амар Исмани и ликвидацијата на Орхан Бајрами – Оки.
Бајрами беше убиен на 15 јули 2023 година, кога двајца маскирани напаѓачи влегоа во апартманот каде престојувал и отворија оган со 19 куршуми. Тој почина на лице место, а неговиот пријател беше тешко повреден, но преживеа. Истражните органи се обидуваат да направат целосна реконструкција на овие настани, со цел целосно расчистување на убиствата и поврзаните криминални активности.
Крај за криминалната мрежа што делуваше и на меѓународно ниво?
Паралелно со истрагите за убиствата, обвинителството и полицијата ја разгледуваат и вмешаноста на оваа криминална структура во други тешки дела, како што е издавањето македонски пасоши на меѓународни криминалци. Преку тие активности, Македонија беше ставена на мапата на меѓународни истраги заради овозможување движење на опасни бегалци низ Европа и светот.
Со оваа акција, се чини дека институциите задаваат силен удар на подземјето, но и на остатоците од системската заштита на криминалните групи, кои во минатото, според обвиненијата, функционирале под покровителство на одредени структури блиски до поранешната власт.
Дали оваа акција ќе го комплетира мозаикот за убиствата и ќе доведе до целосен распад на криминално-бандитските групи кои со години оперираа низ Скопје, останува да се види во наредните денови, кога се очекуваат повеќе информации од надлежните институции.