Во бугарскиот град Карнобат, недалеку од црноморското пристаниште Бургас, во складиштето на еден од најголемите трговци со оружје, Емилијан Гебрев, дошло до експлозија, а потоа и пожар, објави локалната новинска агенција „БТА“.

Самиот Емилијан Гебрев за бугарските медиуми изјавил дека му е нејасно што се случило, бидејќи, како што истакнал, во магацинот немало самозапаливо производство и изразил сомнеж дека таму има нечиста работа.

Инаку, според медиумот, Емилијан Гебрев е голем трговец со оружје и тргува со Украина од 2014 година, што и самиот го потврди во интервју за американскиот весник „Њујорк Тајмс“. Наводно, во 2015 година, членови на руската воена разузнавачка служба ГРУ се обиделе да го елиминираат Гебрев. Имено, по деловниот ручек во април 2015 година, на Гебрев му се слошило и бил хоспитализиран.

Тој бил во кома речиси еден месец, а се зборувало дека Гебрев бил отруен со супстанца слична на „новичок“, опасен отров од лабораториите на КГБ. Недолго потоа, во болница бил примен и неговиот син со слични симптоми, а Гебрев тврди дека недолго по излегувањето од болницата бил направен уште еден обид за да биде убиен. Но, ова не е прв пат под чудни околности да се случуваат експлозии или пожари во неговите воени магацини, стои во написите.

Имено, во 2014 година, откако беше откриено дека Гебрев и доставува оружје на Украина, се случи експлозија во еден од неговите магацини во Чешка, во селото Врбетице кај Злин. По истрагата, чешките власти обвинија за саботажа двајца руски државјани, кои се претставија како потенцијални купувачи, Александар Петров и Руслан Баширов, кои се осомничени дека со „новичок“ се обиделе да го отрујат рускиот двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија. Во јуни 2022 година се случи експлозија во друг магацин на Гебрев во Бугарија, наведува медиумот.