Соединетите Американски Држави рано утринава извршиле нов бран воздушни напади врз Иран, на што Техеран возврати со ракетни и напади со дронови врз Јордан, Бахреин и Кувајт што дополнително ги зголеми стравувањата од проширување на конфликтот на Блискиот Исток.

САД и Иран се повеќе се приближуваат кон отворена војна, откако привременото примирје постигнато минатиот месец пропадна, а пловидбата низ Ормуската Теснина е сериозно нарушена. Во меѓувреме, двете страни продолжуваат да гаѓаат и цивилна инфраструктура од која зависат милиони луѓе.

Американската војска соопшти дека војник загинал во саботата во Ирак при контролирана експлозија на соборен ирански дрон. Претходно беше објавено дека американските сили извршиле напади врз цели на Иранската револуционерна гарда како одговор на нападот во Јордан, во кој загинаа американски војници. Од почетокот на конфликтот досега загинале 17 припадници на американските вооружени сили.

Во деветтата последователна ноќ на воздушни операции, американските сили нападнаа мостови, електроенергетски објекти и други воени цели во Иран.

„Нападите ќе продолжат, за да се ослабат иранските воени капацитети што се користат за напади врз трговски бродови и цивилни морнари кои пловат низ Ормуската Теснина“, соопшти Централната команда на американската војска.

Техеран во меѓувреме врши напади врз американски сојузници во повеќе земји на Блискиот Исток, дополнително засилувајќи ја регионалната безбедносна криза.

Кувајт соопшти дека неговата противвоздушна одбрана пресретнала непријателски дронови кои долетале од територијата на Иран, додека Техеран ги продолжува нападите врз земји во кои се распоредени американски воени бази, во услови на ескалација на конфликтот со САД.

Кувајтските вооружени сили рано во моментов преку платформата „Икс“ информираат за пресретнати дронови што доаѓаат од насока на Иран, без да објават дополнителни детали.

Воздушна тревога повторно беше прогласена и во соседен Бахреин, уште еден американски сојузник во регионот каде се стационирани сили на САД, соопшти Министерството за внатрешни работи на земјата.

Во меѓувреме, Иранската револуционерна гарда соопшти дека со балистички ракети гаѓала американски воени авиони на аеродромот во Акаба, Јордан, при што, како што тврди, на неколку летала им била нанесена сериозна штета, јавија иранската државна телевизија.

Во друго соопштение, Револуционерната гарда објави дека задржала два нафтени танкери кои, според Техеран, се обиделе без дозвола да минат низ Ормуската Теснина. Според иранските медиуми, двата танкери доцна синоќа биле онеспособени додека се движеле по, како што се наведува, „опасната јужна рута“ низ Теснината.

Во изминатите денови САД ги обновија нападите врз цели во Иран, по што Техеран возврати со напади врз држави од регионот во кои има американско воено присуство. Според американски медиуми, Вашингтон испраќа дополнителни борбени авиони и авиони-цистерни на Блискиот Исток како одговор на најновата ескалација.

Конфликтот повторно се интензивираше на почетокот на месецов поради спорот околу Ормуската Тeснина, еден од најважните светски поморски правци за транспорт на нафта, природен гас и ѓубрива.