Напади во Катар, Дубаи, Емиратите, Кувајт

Состојбата на Блискиот Исток драматично се влошува, откако Иран продолжи со лансирање ракети и беспилотни летала кон Израел и земјите од Заливот. Нови експлозии се регистрирани во Катар, Дубаи и Обединетите Арапски Емирати, додека нафтени постројки во Саудиска Арабија биле цел на напади. Според информациите, над Кувајт биле соборени неколку американски авиони.

Претходно, беспилотни летала „шахед“ погодиле британска воздухопловна база на јужниот брег на Кипар, по што училиштата биле затворени, а дел од населението евакуирано. Поради безбедносната состојба, одложен е и состанокот на министрите за европски прашања на земјите-членки, кој требаше да се одржи на Кипар.

Пораки од регионалните и светските лидери

„Во постојан контакт сум со сите европски лидери и лидери на други држави во врска со развојот на настаните. Нашата земја не учествува на никаков начин, ниту пак има намера да биде дел од каква било воена операција. Остануваме посветени на хуманитарната улога што ја имаме цело време, секогаш како дел од решението, а не како дел од проблемот“, изјави Никос Христодулидис, претседател на Кипар.

„Не можеме да дадеме повеќе детали во овој момент, но очигледно сите безбедносни мерки ќе бидат преземени околу базата“, рече Ивет Купер, министерка за надворешни работи на Велика Британија.

Израелските одбранбени сили возвратија со гранатирање цели во Бејрут, откако Хезболах истрела ракети и дронови, при што има десетици жртви и повредени. „Постои единствена можност да се промени траекторијата, наместо да се живее во бесконечен терор и хаос создаден од империјата на злото од Техеран“, нагласи Исак Херцог, претседател на Израел.

Ново раководство во Иран и предупредување од МААЕ

Вашингтон оценува дека евентуалното ново раководство во Иран отвора простор за дијалог, додека безбедносните служби во Техеран ги отфрлаат ваквите тврдења. „Ги повикувам сите ирански патриоти кои копнеат по слобода да го искористат овој момент, да бидат храбри, смели, херојски и да ја вратат својата земја. Америка е со вас. Ви дадов ветување и го исполнив тоа ветување. Останатото ќе зависи од вас, ние ќе бидеме тука да помогнеме“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

По убиството на ајатолахот Хамнеи, Исламската република формираше тричлен лидерски совет кој ќе раководи со државата до изборот на нов врховен водач. „Изгубивме некои команданти. Тоа е факт, а имињата се веќе објавени. Но, друг факт е дека ништо не се променило во нашата воена способност“, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.