Радост и олеснување по двете страни

Во понеделникот се случи редок миг на радост и кај Израелците и кај Палестинците, откако Хамас ги ослободи преостанатите 20 заложници живи од Газа. Ослободувањето е дел од поширок договор за размена на речиси 2.000 палестински затвореници, на ден кога светските лидери се собраа во Египет со цел да обезбедат траен мир и продолжување на сегашниот прекин на огнот.

Трамп и ел-Сиси со пораки за мир

„Молитвите на милиони конечно беа услишени. Конечно, имаме мир на Блискиот Исток,“ изјави американскиот претседател Доналд Трамп на мировниот самит во Египет. Египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси, пак, повика на „нова ера на мир“ во регионот, додавајќи: „Нека војната во Газа биде последната војна на Блискиот Исток.“ И покрај оптимизмот, меѓународната заедница останува загрижена колку долго ќе трае сегашниот прекин на огнот.

Погледнете колку еуфорија имаше во Тел Авив.

Еуфорија во Тел Авив и враќање на телата

Во Тел Авив, околу 65.000 граѓани се собраа на Плоштадот на заложниците, каде што аплаудираа во моментот кога воен хеликоптер пристигна со 20-те ослободени Израелци. Нивното пристигнување и првата средба со семејствата беа емитувани во живо на големи екрани, јави „Гардијан“. Плоштадот претходно беше симбол на националната кампања за нивно ослободување, откако на 7 октомври 2023 година Хамас киднапира 250 Израелци при нападот врз јужните израелски заедници, во кој загинаа 1.200 лица и започна војната во Газа.

Израелската армија соопшти дека телата на четворица заложници што Хамас ги предаде на Црвениот крст исто така се вратени во Израел.