Локалните власти во американската држава Вашингтон наредија евакуација на околу 60.000 луѓе поради пожари што му се закануваат на градот Спокејн во северозападниот дел на САД. Вчера беше потврдено дека пожарот во тој регион уништил 600 објекти, вклучувајќи станбени куќи и бизнис простори, објави Ројтерс.

Шефот на противпожарната служба на Спокејн, Том Вилијамс, објасни дека пожарот во таа област се состои од три одделни жаришта што им се закануваат на зони за кои е издадена наредба за евакуација.

Според податоците на Федералната агенција за управување со вонредни состојби, до вчера изгореле 2.180 хектари земјиште. Вилијамс потврди дека пожарникарите сè уште не успеале да ги стават пожарите под контрола.

 

На прес-конференција вчера попладне, официјални лица изјавија дека досега нема извештаи за повредени или смртни случаи. Градоначалничката на Спокејн, Лиза Браун, ја нарече ситуацијата „најлошата природна катастрофа што некогаш го погодила нашиот регион“.

 

Околу 10.000 корисници биле без струја до вчера, потврди Хедер Розентрејдер, извршен директор на Ависта јутилитис. Државните власти проценуваат дека повеќе од 100.000 хектари горат низ целата држава Вашингтон.

Гувернерот на Вашингтон, Боб Фергусон, вчера разговараше со американскиот претседател Доналд Трамп и побара помош од Федералната агенција за управување со вонредни состојби (ФЕМА). Гувернерот прогласи вонредна состојба низ целата држава поради тешката ситуација