„Какви и анкети да прават, епилогот за СДСМ е ист и се сведува на реченицата – Угоре високо удолу длабоко. Апелираме да го наштелуваат чатботот од Белград, што им ги пишува соопштенијавa и да го направат да престане да ја следи логиката на Заев затоа што никој не им ги разбира веќе реакциите и народ се чуди како е возможно вакви глупости да објавуваат и ваква пропаст да се случи на таа партија. Наравоучение, дури и за вештачка интелигенција да ти помага мора да имаш сопствена интелигенција која ќе ја навигира соодветно. Не е доволно само пари да имаш.

И ги прашуваме, дали е точно дека тогаш Филипче бил највозбуден и најсреќен кога Заев се виде со Вучиќ за вакцините и го фалеше како да е мало божество?“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Вака ВМРО-ДПМНЕ одговара на обвинувањата на СДСМ за наводното српско влијание на „школката на Вучиќ“ во ВМРО-ДПМНЕ.

Објавувајќи снимка од Заев и Вучиќ во време кога Србија ѝ донираше вакцини на Македнија, ВМРО-ДПМНЕ го илустрираше односот меѓу двата лидери во тоа време.

„СДСМ сега да организира протест против просрпските ставови на поранешниот лидер Зоран Заев“, се мајтапат од ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ во претходно соопштение ја коментираше анкетата на ИПИС во која ВМРО-ДПМНЕ значително води во довербата кај граѓаните пред СДСМ и ја нарече пропаганден потег на Владата по рецептот „стара школа на Груевски, нова препишувачка школа на Вучиќ!“

„Можеби им се брза, па нема да чекаат како Орбан и Вучиќ до април. Можеби ќе мора и во март — пред вистината да стигне во секој дом во Македонија“, обвини СДСМ, меѓу другото, во соопштението.

За брзо стигна одговорот од ВМРО-ДПМНЕ со видеото од Вучиќ и Заев. ВМРО-ДПМНЕ исто така ја коментираше веб-страницата на СДСМ, како полна со „дела од жанрот измислица“.

„Откако ја откри вештачката интелигенција, СДСМ ја користат исклучиво за масовно продуцирање соопштенија, за да го полни сајтот на партијата кој до неодамна беше празен затоа што ги немаше ‘новите кадри’ на Филипче да излегуваат во јавност и да се самопромовираат како нова енергија“.