Проекти што тапкаа во место, секојдневен сообраќаен хаос, градски превоз што целосно колабира, хигиена на најниско ниво и разочарани граѓани што одамна изгубија трпение. Град со проблеми до гуша. По четири години на чело на главниот град, градоначалничката Данела Арсовска зад себе остави главен град целосно нефункционален. Новиот градоначалник ќе мора да седне во фотелјата со итни планови и решенија на наталожените проблеми.

Во мандатот на Данела Арсовска, главниот град влезе во состојба на урбан колапс. Метрополата со недели личеше на депонија, со насобрано ѓубре, преполни контејнери и стаорци што си шетаат слободно низ градот. Вардариште гореше, а чистиот воздух стана луксуз за граѓаните.

Наместо нови еколошки автобуси, ЈСП остана без гориво, автобусите не возеа, а илјадници жители доцнеа на училипште и работа, остануваа на цедило.

Подземниот сообраќај не доживеа бел ден. Сообраќајницата под „Лимак“, што требаше да го модернизира центарот, до крајот на нејзиниот мандат остана само ветување. На терен останаа само раскопани улици и сообраќаен хаос што го чувствуваат сите возачи. Планови имаше, но не и изведба.

Дополнително, кога ќе заврне дожд, улиците се претвораат во реки. Пукнати цевки, нефункционална канализација, делови од Аеродром, Ѓорче и Кисела Вода се редовно под вода, а и делови од градот често се и без неа. А коритото што навистина требаше да личи на река е претворено во канал-депонија. Сега сета верба е во рацете на новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски. Од него се надеваат на многу подобро.

Градот што требаше да биде пример, стана предупредување. Скопје прво мора да се расчисти од наследството што го остави Арсовска, а тоа е град без ред, без чистота, без јавен превоз и без доверба кај граѓаните. Орце Ѓорѓиевски ќе мора да покаже дека постои разлика меѓу градоначалник што ветува и градоначалник кој решава.

 

Извор: ТВ АЛФА