Уште многу работа останува да се направи и отворањето на преговорите со Европската Унија е почеток на процесот што ќе налага натамошна посветеност, ова вечерва во Охрид го изјави помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Филип Рикер, на отворањето на конференцијата „Патот до Преспа”, во рамки на првата Меѓународна конференција на Преспа форумот за дијалог.
Рикер подвлече дека САД стојат зад Македонија како сојузник и како пријател.
-САД, претседателот Бајден, државниот секрертар Блинкен, сме уверени дека Македонија може и ќе ги направи неопхдоните чекори како што е продолжување на реформите, зајакнување на владеење на правото, борбата против корупцијата, зголемување на транспарентноста за да гарантира попросперитетна иднина за нејзините граѓани, како и зајакнување на стабилноста на регионот. САД остануваат посветени и се дел од овој регион и ќе продолжат да стојат покрај вас, како што кажа и самиот претседател Бајден како сојузник и како пријател, истакна Рикер.
Тој оцени дека Преспанскиот договор бараше голема дипломатска храброст на лидерите на Македонија и на Грција и ги постави стандардите за остатокот од регионот како мирно да се решаваат големи конфликти преку дијалог.
-Тоа на сите нас ни потврди дека лидерите од Западен Балкан се дораснати на предизвикот – а тоа е дека размислувањето за иднината ги отвори вратите на НАТО и поради тоа САД, и јас лично, бев горд што соопштив дека Македонија е членка на НАТО минатата година. Преспанскиот договор донесе конкретни предности и на Македонија и на Грција, внесувајќи ја Македонија во најголемата Алијанса, а исто така реафирмирајќи ја посветеноста на Грција кон Западен Балкан, продолжувајќи ја нашата заедниочка цел – а тоа е да ја донесеме Македонија поблизу до членство во ЕУ, рече Рикер.
Тој повтори дека САД остануваат целосно посветени на Западен Балкан и оти нивната визија е Европа да биде комплетна, слободна, и во мир.
-Указот на претседателот на САД за санкции кон оние актери што сакаат да го поткопаат овој процес, ќе овозможи да се зајакне таа цел, приодонесувајќи кон ефикасна и стабилна власт, признавајќи дека целосната интеграција во трансатлантските институции е тоа што го сакаме и го очекуваме, порача тој.
Рикер истакна и дека Преспа овозможи да се подобри соработката во енергетиката, одбраната, и трговијата меѓу Македонија и Грција. – Ние особено сме задоволни што гледаме напредок во гасоводниот конектор, што ќе и овозможи на Македонија да увезува природен гас од глобалните снабдувачи, вклучувајќи ги и САД. Овој конектор не само што ќе овозможи поголема флексибилност и енергетска безбедност за целиот регион, туку ќе помогне и за намалување на штетните стакленички гасови, рече во тој контекст Рикер.
Тој истакна и дека Македонија покажа лидерство и во одбранбениот сектор, додавајќи дека како најнова членка на НАТО, Македонија ги прими силите на НАТО на голема вежба на воениот полигон Криволак во мај годинава.
Помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија истакна и дека Договорот како што е Преспа, членството во НАТО и идното членство во ЕУ придонесува за зајакнување и на интересот и на странските инвеститори, што ќе придонесат и за зголемување на бројот на нови работни места во земјава.