Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по завршувањето на 21. Конгрес на партијата изјави дека Конгресот бил многу успешен и дека во работниот дел, кој бил затворен за јавноста, е усвоен Извештајот за локалните избори одржани минатата година, како и дека доверба добиле партиските тела и органи.
Филипче нагласи дека од формален аспект биле исполнети сите обврски предвидени со Статутот на партијата.
– Од формален аспект Конгресот беше успешен. Беше усвоен Извештајот за локалните избори во 2025 година и се изгласа доверба на сите партиски тела за кои според Статутот денеска требаше да се гласа, а тоа е заменик-претседателката на партијата, како и Централниот и Извршниот одбор – изјави Филипче.
Тој додаде дека Конгресот бил успешен и од аспект на содржината и дебатата што се водела меѓу делегатите.
– Од аспект на дискусија, од аспект на предлози, совети, забелешки, критики, како и пофалби, Конгресот беше многу успешен. Имавме одлична дебата, со многу дискутанти, и секое мислење беше конструктивно и добронамерно – рече Филипче.
Според него, и критичките забелешки и позитивните оценки биле насочени кон унапредување на работата на партијата и нејзиното идно дејствување.
Филипче посочи дека сите изнесени ставови и дискусии ќе бидат разгледани на наредните седници на Извршниот и Централниот одбор, со цел да се утврди дали има потреба од дополнителни измени во Статутот на партијата, особено во делот на креирањето на политиките.
– Јас сум многу задоволен од денешниот состанок – изјави Филипче.
На новинарско прашање дали на Конгресот било отворено и прашањето за забелешките и незадоволството што дел од членството ги искажува кон партиското раководство, Филипче одговори дека темата била дел од дискусиите.
– Се дискутираше и за тоа, се дискутираше и за огромниот број на членови и наши симпатизери, поддржувачи кои што за тие луѓе кои денеска ја критикуваат партијата трчале и давале поддршка за време на нивните предизборни кампањи. За разочараноста на тие верни членови кои што без никаков бенефит ги поддржувале овие наши поранешни функционери. Тие биле во партијата и пред да бидат на функција, за време на нивните мандати и се сега искрени и чесни членови. Се зборуваше од сите аспекти – рече Филипче.
