Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес конференција оцени дека економската реалност во која живеат граѓаните е најсилниот демант на како што ги нарече, „приказните на Мицкоски за трета економија во Европа“.
Единствено нешто што прави премиерот е да раскажува приказни. И тоа е единствено нешто во што е добар, за жал граѓаните веќе не му веруваат. Тоа дека сме биле трета економија во Европа, тоа дека тука тече мед и млеко – граѓаните знаат дека тоа не е вистина, затоа што фрижидерите и паричниците едноставно им се сѐ попразни, рече Филипче.
Претседателот на СДДМ смета дека Владата на Мицкоски ја изолира земјата и тоа носи сиромаштија и економски проблеми.
-Следуваат тешки есенски месеци, во кои не се знае колкава ќе биде цената на струјата, што ќе покрене дополнителен бран на поскапувања. Има пад на странските инвестиции, пад на индустриското производство, стагнација на платите – на просечната, на минималната плата, стагнација на платите во здравството, во образованието, стагнација на примањата во социјалните трансфери, рече Филипче.
Филипче оцени дека предложениот ребаланс на Буџетот нема да донесе подобар животен стандард за граѓаните.
-Владата сака сето тоа да го маскира со тоа што предлага еден ребаланс, кој не е ништо друго туку бројки на хартија кои никако нема да можат да се остварат… нешто од што ниту граѓаните ќе видат некаков бенефит, а уште помалку државата во целост во контекст на остварувањето на стратешките цели, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
