Новиот претседател на Судскиот совет, Сашко Георгиев, само што седна на столчето за раководење, реши да ги исклучи камерите од медиумите за да не снимаат што се зборува и дискутира. Георгиев тврди дека одлуката е едногласно донесена на колегиум за време на кратката пауза што ја даде, но експретседателката Весна Дамева реагира дека таа не била повикана и дека е против исклучување, објави Макфакс.
„За јавноста, пред сè, и за сите нас, ќе споменам само дека од краткиот колегиум што го имавме сега со колегите, а особено по однос на точката на дневен ред, каде што ќе расправаме по претставки и поплаки од страна на граѓаните и правните лица, по однос на работењето на судиите – јавноста ќе остане тука присутна, а камерите, можеме да завршиме, и да ја напуштат седницата. Тоа е едногласна одлука од страна на колегиумот што го имавме. Сè во врска со работењето, условите за работењето, а воедно и за точката на дневен ред, каде што ќе дискутираме за поплаки и претставки од граѓаните во однос на работењето на судиите. Јавноста е присутна, но камерите, ве молам, ќе мора да нè оставите да работиме“, рече Георгиев.
Реагира Дамева.
„Извинете, претседателе, јас не знаев дека има колегиум. Јас не бев повикана на колегиум, морам да реагирам. Меѓутоа, ако тоа е ваша едногласна одлука, во ред“, рече Дамева.
По ова, Георгиев одново ги праша колегите дали да се исклучат камерите, а од член на Советот имаше само реакција да се продолжи со работа, без произнесување.
„Значи, колеги, да не излезе дека ова е од претседателот, јас само пренесувам заклучоци од Судскиот совет. Дали нешто е спорно за вас од ова?“, праша Георгиев.
Камерите беа исклучени.
Претходно, имаше дискусија.