Големата полициска акција поврзана со петте тони марихуана запленети минатата недела во Србија и натаму е во тек, а фокусот на истрагата е насочен кон мрежа на компании и објекти во Скопје и Струмица, кои, според сомнежите, се поврзани со нелегалниот извоз на дрогата од македонска територија.
Попладнево, под силно полициско обезбедување, десетина комби-возила, пет до шест камиони и повеќе полициски возила влегоа во кругот на поранешната фабрика ОХИС во Скопје, каде што од синоќа се спроведуваат интензивни претреси. Пристапот до локацијата е целосно оневозможен, а просторот е затворен за јавноста.
Како што дознаваме, предмет на претрес е фирмата „Алфафарм“, сместена во кругот на ОХИС, која е поврзана со случајот со запленетата марихуана во Србија. Во рамки на акцијата бил уапсен еден од нејзините ко-сопственици, додека друг, според неофицијални информации, се наоѓа во бегство. Еден од сопствениците, пак, бил приведен уште во рамки на полициската акција во Србија.
Фирмата „Алфафарм“ е формирана во 2023 година, а лиценца за одгледување канабис за медицински цели добила во март 2024 година. Под лупа на истражните органи се и други правни субјекти кои поседуваат дозволи за одгледување медицински канабис.
Паралелно со акцијата во Скопје, се вршат претреси и на повеќе локации во Струмица и Струмичко. Акцијата е координирана од Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК).
Српската полиција минатата недела заплени околу пет тони марихуана во близина на Крушевац, а српските медиуми објавија дека дрогата потекнува од Македонија. По ова, македонското Јавно обвинителство во понеделникот информираше дека е оформен предмет и дека се преземаат дејствија за утврдување на сите факти и околности за евентуалната поврзаност на македонски државјани и компании со овој случај.
Институциите засега не излегуваат со официјални детали, но обемот на акцијата и ангажираноста на повеќе служби укажуваат на сериозен и координиран удар врз мрежата на т.н. легални производители на канабис.
Плусинфо вчера објави дека, и покрај институционалниот молк околу случајот со петте тони марихуана запленети во Србија, истрагата се води тивко и координирано, со фокус на мрежата на т.н. „легални“ производители на канабис во Македонија.
Според информации до кои дојде Плусинфо, станува збор за затворена операција во која се вклучени повеќе институции, а целта е директен удар врз структури кои, наводно, со години ја злоупотребувале дозволената дејност за нелегален извоз и профитирање.
Како што дознавме, уште од четврток навечер објект во поранешниот комплекс ОХИС во Скопје бил целосно запоседнат од надлежните служби, додека паралелно се вршеле претреси и на повеќе локации во Струмица и Струмичко.
Отсуството на официјални потврди или деманти, според нашите извори, укажува дека институциите овојпат решиле да не дозволат протекување информации и политички калкулации, туку истрагата да ја доведат до крај.
Извор: Плусинфо
