Скопската зоолошка градина соопшти дека по долги непроспиени ноќи и голема пожртвуваност на вработените успеала да ги спои гибоните Делфина и Мики, кои сега учат да живеат заедно и самостојно, без човечка помош.

Како што информираат од ЗОО Скопје, двата гибона како бебиња биле отфрлени од мајката и згрижени со 24-часовна нега, љубов и посветеност. Процесот на нивно повторно социјализирање бил реализиран по консултација со експерти од светски организации за заштита на гибоните, како и со Перт ЗОО, кој имал слично искуство.

„Двата гибона беа отфрлени од мајката како бебиња и чувани со 24/7 нега, љубов и посветеност. Во консултација со експерти од светски организации за заштита на гибоните, како и Перт ЗОО кои имаа слична ситуација, а со максимални напори и труд од вработените во Скопје ЗОО- гибончињата Делфина и Мики сега се во заедничко живеалиште и одлично се прифатија еден со друг. За овој значаен подвиг на целиот наш тим добивме пофалба од сите експерти со кои соработуваме“, велат од Зоолошката градина.

Од установата појаснуваат дека сегашниот зимски дом е привремен и служи за заедничко навикнување, додека паралелно се подготвува нов, современ и отворен простор за нивно живеење.

„Се надеваме дека наскоро ќе се вратиме на патот кон ЕАЗА која е наша крајна цел, а гибоните ќе бидат дел од EEP (European Endangered Species Programme)“, посочуваат од ЗОО Скопје.