Почна изградбата на булеварот „Македонија“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска официјално го означи почетокот на градежните активности на булеварот „Македонија“, проект за кој, како што истакна, со години се зборувало, но без конкретна реализација.
Прва фаза со рок од 90 дена
Ѓорѓиевски информираше дека стартува првата фаза од проектот, која треба значително да придонесе за растоварување на сообраќајот во централното градско подрачје. Според проекциите, се очекува намалување на сообраќајниот метеж за најмалку 30 проценти, а реализацијата на оваа фаза е планирана во рок од 90 дена.
Најава за втората фаза
Градоначалникот најави дека веќе наредната недела ќе започне тендерската постапка за втората фаза, која ќе опфати изградба на два нови кружни текови и влез во подземна сообраќајница. Како што посочи, целта е да не се губи време и втората фаза да започне веднаш по завршувањето на првата.
Инфраструктурни зафати и завршување на трасата
Во рамки на првата фаза се предвидува проширување на дел од постојните сообраќајници, уредување на просторот, изградба на нова атмосферска канализација и поставување на 60 нови шахти, со што ќе се решава и проблемот со атмосферските води во овој дел од градот. Проектот вклучува и проширување на улицата „Пролет“, нов приклучок и крак кон булеварот „Борис Трајковски“, како и проширување и нов крак кон улицата „11 Октомври“. Ѓорѓиевски изрази уверување дека по истекот на 90 дена ќе биде пресечена лентата за завршување на првата фаза и нагласи дека до крајот на неговиот мандат ќе вложи максимални напори целата сообраќајница, со должина од околу два километри, целосно да биде завршена.
