Интервенција на градоначалникот на Лерин ја прекина изведбата на бендот „Banda Entopica“ веднаш откако музичарите запеаја на македонски јазик, предизвикувајќи бурни реакции и отворајќи нова дебата за слободата на културното изразување во Грција.

Настанот се случил за време на традиционалната манифестација „Ден на огновите“, која секоја година се одржува во пресрет на Коледе во Лерин. Наместо фокус на обичаите и празничната атмосфера, вечерта завршила со забрана што, според реакциите, повторно ги актуелизира прашањата за човековите права и употребата на македонскиот јазик. За инцидентот првично објави Булевар.мк.

Во текот на манифестацијата, популарниот бенд „Banda Entopica“, познат по изведба на балканска традиционална музика, ја започнал македонската народна песна „Софка на татко“.

По првите стихови, следела итна реакција од страна на градоначалникот на Лерин

По првите стихови, следела итна реакција од страна на градоначалникот на Лерин. Според сведочењата на присутните и видеата што се појавија на социјалните мрежи, на бендот му било наложено веднаш да престане со пеење на македонски јазик, а им било дозволено да продолжат само со инструментална музика.

Обидот за прекин на изведбата предизвикал реакција и од самите музичари. Еден од членовите на бендот, кларинетист по потекло од Патра, јавно се обратил од бината кон публиката.

Музиката нема граници

„Музиката нема граници!“ – порача музичарот, по што дел од присутните го поздравиле неговиот став со аплауз.

На случувањата реагираше и Павле Воскопулос, активист за правата на Македонците во Грција и член на партијата „Виножито“, кој оцени дека не станува збор за изолиран инцидент, туку за поширок образец на однесување.

„Ова е дел од еден подолг континуитет на ограничувања. Иако Преспанскиот договор требаше да ја олесни климата, локалните шерифи и натаму спроведуваат пракса на селективна забрана. Македонското оро може да се игра, но македонската песна не смее да се пее. Тоа е апсурдот на 21-от век,“ коментира Воскопулос.

Тој потсети дека вакви ситуации биле чести и во 90-тите години, период за кој, како што наведува, постојат бројни извештаи од Human Rights Watch, Amnesty International и Greek Helsinki Monitor, во кои се документира систематско потиснување на културната експресија на македонското население од страна на грчката држава.