Голема гужва и турканици се создадоа во Велес за време на хуманитарна акција за делење јајца по повод Велигден, при што за кратко време беа поделени околу 2.000 табли.
Јајцата биле донација од велешани кои живеат и работат во САД, преку компанијата „Шилер“, која се занимава со камионски превоз на стока.
Граѓаните во голем број се собрале на местото на поделбата, што довело до метеж и брзање за да се обезбеди бесплатна табла. Според очевидци, дел од присутните земале и по две или повеќе табли.
Поради зголемената гужва, на терен била повикана и полиција за да се воспостави ред.
Иако нема информации за потешки повреди, настанот повторно ја отвора дилемата за организацијата и безбедноста на вакви акции, особено кога станува збор за бесплатна поделба на производи што привлекува масовен интерес.
